Фондација „Фокус“ меѓу граѓаните, ја промовираше кампањата за собирање на средства за упис на студент од социјално немоќно семејство на еден од државните факултети. На Градскиот пазар во Велес, тимот на Фокус делеше флаери за кампањата, ги запознаваше граѓаните со акцијата која петта година по ред ја спроведува со цел да обезбеди уште една студентска диплома во градот. Истовремено се делеа и флаери за работењето, реализираните проекти и постигнатите резултати на Фокус во изминатите десет години. Граѓаните заинтересирано и со внимание застануваа на штандот на Фондацијата и се распрашуваа како можат да помогнат и тие да бидат дел од акцијата за упис на студентот. Многумина од нив донираа средства во касичката поставена на штандот.


Инаку касички со логото на кампањата се поставени во маркетите на Алфа и Вемарк и во хотелите Романтик и Гардениа. Годинава Фокус ќе поддржи упис на двајца матуранти на државен факултет во учебната 2017/2018 година.
Петта година по ред Фондација Фокус ги реализира активностите во рамки на кампањата за собирање средства за упис на студент од социјално немоќно семејство на државен факултет. Досега успеа да запише четворица студенти од Велес.
Годинава под мотото „Не можеш да помогнеш на секој, но доволно е да помогнеш на некој“, Фокус ја бара поддршката од граѓаните и бизнис секторот од Вардарски регион со цел да не се дозволи сиромаштијата да биде пречка за уште една студентска диплома во локалните заедници.