Фондација Фокус и општина Чашка денеска потпишаа договор со  амбасадата на Сојузна Република Германија за реализација на иницијатива во селото Горно Јаболчиште, вредна околу шест илјади евра.
Со половина од средствата ќе биде направен патот кој води кон  основното училиште ,,Лирија,, во должина од 80 метри, потпорен ѕид покрај истиот и пристапен пат од 20 метри кој го поврзува училиштето со игралиштето. Останатите три илјади евра ќе бидат потрошени за набавка на клупи, клацкалки, како и спортска опрема за училиштето. Оваа иницијатива произлезе од самите граѓани на инфо координативните средби кои Фокус втора година ги организира во општините Велес, Градско, Лозово и Чашка и на кои меѓудругото се дискутира и за тековните проблеми. Фондација Фокус е задоволна што германската амбасада покажа огромно разбирање и несебично ја даде својата поддршка за надминување на овој проблем со кој се соочуваат жителите особено децата кои секојдневно поминуваат по оштетениот најчесто каллив пат за да стигнат на училиште.

Од општина Чашка сметаат дека реализацијата на овој проект е од огромно значење за нив зошто со ова се решава еден од најгорливите проблеми на месното население во Горно Јаболчште.

Во изградбата на потпорниот ѕид и пат со свои средства ќе учествува и општина Чашка. Таа од својот буџет за оваа намена ќе одвои 92 илјади денари, а локалното население ќе помогне со обезбедување на дел од материјалот и работна рака. Вкупната   вредност на проектот е 10 илјади и 570 евра.
Фокус веќе има поднесено барања за поддршка на неколку иницијативи кои се најприоритетни за граѓаните од општините Велес, Градско и Лозово и за кои сеуште чека одговор од други амбасади и донатори.