Печати

Членството во ЕУ не е можно без учество на граѓаните

 

Серијата целодневни настани „Акцијата за Европа: Ден III – Mk@EU“, на 14 септември, во Велес, ги информираше граѓаните за процесот на пристапување на Македонија во Европската унија.

Велешани имаа можност да дебатираат со дипломатските претставници од Шпанија и Португалија. На дебатата „Со нашите пријатели поблиску до ЕУ“ учествуваа амбасадорот на Португалија во Република Македонија, Луиш де Алмеида Сампајо, заменикот - шеф на мисијата на шпанската амбасада во Македонија, Марија Анџелес Гарсија де Лара, претставничката од португалскиот Институт за меѓународни односи, Соња Родригез и претставникот од шпанскиот Кралски институт „Елкано“, Хулио Креспо.

За португалскиот амбасадор, Луиш де Алмеида Сампајо, нема сомнежи дека Македонија и припаѓа на Европската унија. Зборувајќи за евроинтегративниот процес на неговата земја нагласи дека десетгодишната напорна дипломатска работа не била доволна за Португалија да прерасне во развиена земја. Португалија, спровела реформи во многу области, како образованието и јавната администрација, а подлабоките промени дошле по пристапувањето во Унијата, кога поголемите европски фондови станале достапни за државата. Португалија и Шпанија, нагласи Сампајо, и покрај долгата историја на војни и несогласувања, сега имаат одлични политички, дипломатски и економски односи, додавајќи дека помирувањето со соседите не значи губење и на националниот идентитет. За амбасадорот Сампајо, членството во ЕУ не е можно без учеството на силно граѓанско општество и уште посилно индивидуално учество на граѓаните, во процесот на пристапување.

 



 

На прашањето од велешката публика, како да се справиме со големата невработеност, португалскиот амбасадор одговори директно – „со напорна работа за приклучување кон ЕУ“. Според него, влезот во ЕУ ќе обезбеди повисоко ниво на развој и помала невработеност. Во моментов не постои регион во Европа со толку висока стапка на невработеност каква што има во Македонија.
Марија Анџелес Гарсија де Лара зборуваше за претстојното шпанско претседателство на ЕУ, и приоритетите на шпанската дипломатија: надминување на економската криза, борбата против климатските промени и политиката на проширување, особено кон Западен Балкан.

Соња Родригез од Институтот за меѓународни односи, исто така, ја нагласи важноста од активно учество на граѓанското општество во процесот на пристапување. Таа ја нагласи и важноста на решавањето на прашањето за името со Грција, кое го спречува членството на државата во меѓународните институции.
Хулио Креспо од Кралскиот институт „Елкано“, се осврна на долгиот и според него, фрустрирачки процес на преговори на Шпанија со ЕУ. Најголем проблем била билатералната кавга со Велика Британија за Гибралтар. За него, не постои сомнеж дека влезот во ЕУ е исплатлив. Шпанија, по влезот во Унијата, прерасна во осма светска екомонска сила.