Печати

Image

Во рамките на проектот „Акција за Европа“ што во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка, ФИООМ, Младинскиот образовен форум и фодацијата „Фокус“ - Велес се реализира во повеќе градови во Република Македонија, на 7-ми мај во салата на Општина Велес се одржа дебата на тема: „Планови за приближување на општината до ЕУ“.
На дебатата, пред околу 190 учесници, воведничар беше и  Амбасадорот на Република Полска Н.Е. Дариуш Карол Бахура кој пред присутните ги презентираше придобивките на Полска од влезот во европското семејство, како и преставници на ФИООМ и МЦЕО.

„Финансиската помош што Полска ја доби со влезот во ЕУ беше на ниво на 6 годишни буџети. Особено значајни беа придобивките за младите генерации како главни корисници на фондовите и граѓани на Европа“, рече Амбасадорот Бахура. За преземените активности за зајакнување на капацитетите на општината во евроинтегративниот процес говореше градоначалникот Горан Петров. Потоа потенцираше дека „Формирањето на локален совет за евроинтеграции, оперативни тимови на сите нивоа, создавањето база на податоци за расположивите ЕУ фондови и капацитетите на локалната заедница, збогатувањето на ЕУ инфо точката со промотивни материјали, едукацијата на најмладите генерации, интензивирањето на контактите со велешани низ Европа и светот, збратимените и градовите пријатели,  континуираната обука се само дел од обемните задачи што ни претстојат“.

Image

Затоа ги поканувам сите поединци, млади невработени со високо образование, со креативност и идеја, да се вклучат во обуките и оперативните тимови на подрачјето на општината и да контактираат со фондацијата Фокус која ги координира активностите со граѓанскиот сектор и е партнер на Општина Велес на патот кон евроинтеграциите.


„Општина Велес покажа дека евроинтеграциите не ги сваќа како императив, туку како отворена можност за напредок на сите граѓани во локалната заедница. Нашата цел е Општина Велес да стане безбедно место за инвеститорите. Цврсто верувам дека сите ние тоа можеме да го постигнеме со заеднички напори“, нагласи Петров. Тој оствари работна средба со Амбасадорот Бахура на која беа разменети мислења околу искуствата на Полска и неопходните мерки за подготовка на локалната самоуправа и државните институции во Македонија за членство во Европската Унија.