Печати

obse1Спроведувајќи ја кампањата под слоганот „Ако јас се прашувам“, мисијата на ОБСЕ во Скопје на 11.12.2017 година во хотел Гардениа одржа дебата вклучувајќи претставници на Граѓански организации од Велес. Целта на кампањата е поголемо учество на граѓаните и подобрување на квалитетот на живот во локалната заедница. Модератор на дебатата беше Димче Велев од Фондација за локален развој и демократија „Фокус“. Тој потенцираше дека вклучувањето на граѓаните во креирањето на локалните политики до првото тромесечие на 2017 година е на ниско ниво. Велев рече дека советите на општините не ги канат граѓаните и граѓанските организации на седниците, затоа нема информации за што тие расправаат и какви одлуки донесуваат. Велев направи споредба со периодот пред десет години кога Фондација „Фокус“ го следела и подготвила истражувањето за реализација на целиот процес. Тогаш 70 % од вкупно 115 предлози на граѓаните, граѓанските организации и месните заедници биле прифатени од страна на локалните власти, а 20 % реализирани на крајот на годината, што претставува релативно добар процент за македонски услови.

obse

„Како граѓански сектор ние знаеме дека имаме реакции по донесување на одлуките. На пример како од бизнис групи или групи со поинакви интереси, затоа што не се прашани. И тогаш веќе имаме конфликтна ситуација во локалната заедница. Сите треба да бидат вклучени, редовно и континуирано, рече Велев од Фондација за локален развој и демократија “Фокус“ од Велес.

Истражувањето на мисијата на ОБСЕ од 2015 година покажало дека најголем дел од општините во Македонија не ги вклучуваат граѓанските иницијативи при донесувањето на програмите за работа, за буџетите или завршните сметки. Токму затоа ја реализираат кампањата чија цел е зголемено учество на граѓаните преку поттикнување на иницијативи и предлози што ќе бидат приоритети за локалните власти.

obse2

- Имаме нов политички естаблишмент на локално ниво и сакаме граѓаните да се охрабрат и повеќе да учествуваат во работата на своите општини, да бидат активни чинители и гласно да го кажуваат своето мислење. Односно да се избегне пасивноста која можеби не е иманентна на овие простори. Поточно да ги охрабриме за секој од нас да направи нешто за подигнување на квалитетот на живот во нашите локални заедници, рече Маја Лазарова Крстевска национален програмски офицер во одделот за демократско управување на ОБСЕ.

На дебатата учествуваа тројца претставници на Фондација „Фокус“ како и претставници на други граѓански организации и општините Велес и Градско.