Годишна програма за работа во 2012 година

Фондацијата своите цели ги остварува преку спроведување на програмски активности насочени кон поодговорно и потранспарентно работење на општините, поактивно учество на граѓаните во поддршка на локалниот развој, грижа за децата и младината, обука и информирање на граѓаните за остварување на нивните права, развивање и поддршка на граѓански инцијативи и сл. За таа цел, Фондацијата Фокус ќе продолжи со редовно и навремено информирање на граѓаните, младите и претставниците на бизнис заедницата за случувањата во заедницата и со организирање дебати и расправи за прашања од нивен интерес.
 
Фондацијата ќе организира разни информативно едукативни средби, работилници, јавни расправи и ќе применува други облици за да ја зголеми информираноста на граѓаните (печатење и дистрибуција на информативни брошури, поставување инфо-огласни табли, доставување дневни редови и одлуки од седници на Советот и сл.) и да им овозможи што поцелосен увид во состојбите. Ќе продолжи да работи на транспарентен начин, со постојана медиумска покриеност на активностите и постигнатите резултати.  
 
Преку вклучување на претставниците на општинската администрација, Советот, бизнис заедницата и институциите во своите активности, Фокус ќе помогне во доближување на работата на локалната самоуправа поблиску до граѓаните и на тој начин ќе им помогне пoефективно да се вклучат во локалниот развој и да дадат свој конструктивен придонес во заедницата. Освен редовното информирање и вклучување на граѓаните во решавањето проблеми и носењето одлуки важни за нивните средини, Фокус ќе помага и во развивање конкретни иницијативи на НВО и месните самоуправи со кои ќе се подобри квалитетот на живеење особено во помалите населени места и руралните средини. Фокус ќе овозможи и поголема информираност и вклученост на претставниците на бизнис заедницата во следење на процедурите за јавни набавки, со што ќе овозможи нивно поголемо влијание на транспарентноста на единиците на локална самоуправа како и постигнување еднаков третман и конкурентност.
 
Ќе се продолжи со понатамошно зајакнување на капацитетите на претставниците на месните самоуправи преку редовно информирање за случувањата во локалната самоуправа и искористување на можностите за обезбедување средства за имплементација на нивни иницијативи. Активностите пак насочени кон младите, ќе овозможат тие да ја разберат својата улога во општеството и заедницата, да градат позитивни вредности и да станат корисни граѓани на општеството. Учеството во дебатите за прашања од нивен интерес ќе им помогнат да научат да доаѓаат до решенија, а преку иницијативите и самите да се вклучат во конкретни интервенции и акции од корист на заедницата. Фокус ќе работи на спроведување на локалниот младински акционен план преку кој се очекува младите на еден поорганизиран начин да ги санираат негативните појави и проблемите со кои се соочени и да лобираат за нивно надминување (невработеноста, професионалната ориентација, девијантното однесување, зачeстени физички пресметки помеѓу средношколците и сл.) и да спроведуваат акции за  младинско информирање зголемено младинско учество. Фокус и натаму ќе ги промовира филантропијата и волонтерството и ќе нуди различни форми и можности за индивидуалците, организациите, институциите и бизнис секторот да се вклучат и да дадат свој придонес во решавањето локални проблеми. Фокус ќе продолжи да делува како рамноправен партнер на зелената коалиција во остварувањето на целта за обезбедување здрава животна средина за велешани.
 
Во текот на 2012 година Фокус ќе го прошири своето делување во поголем број општини, особено оние од Вардарскиот плански регион но исто така ќе работи на понатамошно развивање на соработката и партнерствата со други сродни невладини организации.

СТРАТЕШКИ ЦЕЛИ

1. Развој, промоција и поддршка на практики за добро управување (good governance)

1.1 Зголемување на учеството на граѓаните во процесите на одлучување и развојот на заедницата
1.2 Поттикнување на транспарентно и одговорно управување во општините и јавните институции

2. Развивање на свеста за филантропија

2.1 Промоција и јакнење на донаторски практики
2.2 Промоција и јакнење на корпоративна општествена одговорност
2.3 Промоција и развој на волонтерството  

3. Институционално и програмско јакнење на организацијата

3.1 Подобрување на квалитетот на работата
3.2 Јакнење на човечките  капацитети и имиџот на организацијата
3.3 Развивање на регионални и меѓународни партнерства

4. Програма за млади

4.1 Воспоставување на редовни практики за информирање и вклучување на младите во креирање на локални политики и донесувањето на одлуки во заедницата
4.2 Зголемување на информираноста на младите за можностите за самовработување


Вака поставените цели Фондацијата ги реализира низ три програмски области:

  • А. Програма за добро управување,
  • Б. Програма за филантропија.
  • В. Програма за институционален развој
  • Г. Програма за млади