Волонтерот е физичко лице кое дава услуги, вештини и знаења во интерес на друго лице, организација или заедницата, без директен личен интерес, на доброволна основа и без финансиска или друга лична добивка.


Развојот на граѓанското општество е од исклучителна важност за фундаментите на демократските вредности на секоја заедница, како и поттикнувањето на граѓанската свест за поширок општествен ангажман, во полза на заедницата во која живееме. Истовремено претставува и афирмација на уставно загарантираните права и слободи, пред се во слободното здружување заради остварување на разнородните права и уверувања. Придонесот на граѓанскиот сектор е од суштествено значење пред се со артикулирано пренесување на граѓанските ставови преку принципите на партиципативната демократија. Јасното изразување на ставовите и давање личен придонес со својот труд преку граѓанската иницијатива им овозоможува на граѓаните да учествуваат во севкупните општествени текови на локалната заедница.

Долгогодишниот ангажман во активности со застапување и лобирање пред органите на локалните и национални власти се покажаа како успешни методи и алатки, кои сепак не се доволно  континуирани  и моделирани од што произлегува потребата за зајакнување на иницијативни групи на граѓани кои своите права ќе ги остваруваат на поедноставен начин преку било која правна форма на организирање.

НВО секторот во Велес, иако со зајакнати капацитети, се уште има потреба од поддршка за натамошно  функционирање за да може успешно да одговори на новонастанати потреби во заедницата. Потребно е воспоставената соработка меѓу секторите и понатаму да се поддржува пред се во развивањето во ефективни партнерства кои ќе придонесуваат во одржливиот развој на заедниците, додека во општините Чашка, Лозово и Градско потребно е да се поддржат зајакнувањето и профилирањето на граѓанската сцена.

Фондацијата ФОКУС како мала локална, професионална, независна и транспарентна организација ќе ги следи состојбите и развојните процеси во целост и ќе работи на демократизација на заедницата како  еден од  условите за исполнување на ЕУ стандардите и поддршка на аспирациите за успешно интегрирање во ЕУ. Започнатиот процес на децентрализација и добивањето на кандидатски статус на земјата за членство во ЕУ ја наметнуваат потребата од целосно и континуирано информирање и едукација на граѓаните за процесите и подготовка на НВО за преземање поактивна улога.  

Затоа фондација со намера да осигура вклучување на граѓаните во општествено корисна работа - волонтери, сака да воспостави вклучување на волонтери кои ќе бидат корисни, како за организацијата, така и за себе, важно е тие да се вклучуваат само во добро развиени и дефинирани проекти и активности со јасно предвидени очекувани ефекти врз работата на организацијата во остварувањето на нејзината мисија.

Чувството на лична сатисфакција и сопствени постигнувања може да биде дел од насоката кон одржлива заедница, но останатиот дел е дека на граѓаните им е потребен континуиран поттик и признание за нивната работа, показатели дека останатите ја ценат нивната работа. Тие показатели можат да бидат изразени во вид на награди и почести, или пак, едноставно зборови со кои ќе се искаже благодарност и ќе се оддаде признание.

Волонтерството е глобален феномен - волонтерите се активни скоро во секое општество во светот. Тие информираат, протестираат, помагаат, подучуваат, лечат, градат, застапуваат, тешат, сведочат, поддржуваат, донираат, лобираат, демонстрираат, водат, хранат, набљудуваат . . . и на многу други начини им служат на останатите луѓе и заедниците. Тие се движечка сила на граѓанското општество.