Квалитетни урбанистички планови согласно постоечката законска регулатива за јавни набавки неможе да се добијат бидејќи основен критериум во овој Закон е најниска цена што од друга страна директно влијае врз квалитетот на изработката на плановите. Најчесто на распишаните тендери работата ја добиваат „човек фирми“ затоа што тие ја нудат најефтината цена и не вклучуваат во постапката на изработката на планот стручни кадри од различни области како на пример: сообраќајни инжинери за изработка на сообраќајни решенија, инжинери за хортикултура , електро инжинери за изработка на електрични водови, градежни инжинери специјализирани за планирање на водоводни и канализациони мрежи, за атмосверска канализација, за топловодна мрежа, за гасификација и слично, констатираа членовите на оваа фокус групата вклучена во реализацијата на проектот „Транспарентна и отчетна постапка за градежна дозвола“ .
Поради понудена ниска цена за изработката на ДУП често се случува квалитетот на ажурираната геодетска подлога да не одговара на реалната состојба на терен.
Изработката на планската документација, ГУП и ДУП-ови, во постапката предвидува учество на јавноста, експертската и на граѓаните. Но, за жал освен во овие процедури што се пропишани во Законот одзивот на јавноста е скромен, дури и го нема, што потоа предизвикува реакција при реализација на веќе донесените ДУП-ови кога се манифестира со категорични несогласувања, нарушувања на меѓусоседски односи, тужби и барање правда во судски постапки.
Препорака: Општина Велес при донесувањето на планската документација задолжително да изнајде начин за максимално да ја вклучи јавноста од чии забелешки зависи подобрувањето на квалитетот на живот во локалната заедница. Исто така потребна е едукација од областа на урбанизмот на секој состав на Советот на Општината бидејќи донесувањето на ДУП-от е во надлежност на Советот а од нив зависи севкупниот плански развој на општината.
Оваа фокус група, исто така, за постапката за добивање на Одобрение за градење смета дека подобри резултати даваше претходното законско решение во кое беше задолжително Проектантот да достави Идеен проект на усвојување кај општинските служби кои што ја водат постапката затоа што имаше време да се направат корекции пред да се достави Основниот проект. Оваа добра практика ќе го скрати времето на одобрување на Основниот проект. Но, актуелниот Закон за градење иако го предвидува Идејниот проект, тој не е задолжителен при водењето на постапката за Одобрние за градење, што можеби од една страна го скратува времето на целата постапка но од друга страна не дава можност за корекција на грешките. Процедурата сега дозволува корекција на грешки до два пати во Основниот проект после што постапката се прекинува.
Препорака: Општина Велес да донесе Одлука за задолжително поднесување на Идеен проект во постапката за Одобрение за градење.
За да има помали нејаснотии при изработката на Основните или Идејните проекти, исто така, потребна е изработка на ДУП-ови на повисоко ниво, поточно во плановите да се дадат повеќе параметри за изградба на објекти.
Учесниците во оваа фокус група, предложија измена на Правилниците за проектирање, за ДУП-вите, да се усогласат со карактеристиките на градот. Правилникот е работен на ниво на држава а секој град си има специфични карактеристики и не соодветствуваат со Правилникот. Општина Велес планирањето на ДУП-овите да се усогласи со карактиристиките на градот особено во старите градски јадра каде условите за градење не соодветствуваат со сегашниот Правилник за проектирање.
Препорака: Општина Велес да бара дополнување на Правилниците за изработка на ДУП-ови според спецификите на градот во кој не може да се изгради улица широка 7 метри, а голем број на проблеми се создаваат и поради топографијата ( наклонот на постоечките улици не соодветствува со бараните во Правилниците) и друго.
Нивото на изработка на проекти, во денешно време споредено со периодот на постоење на Градското проектанско биро, е со многу понизок квалитет.
Како дел од пролонгирањето на постапката за Одобрение за градење се посочи фактот што на пресметувачот, поточно лицето кое врши пресметување на надоместокот за уредување на градежно земјиште во општината, тоа не му е примарна задача туку тоа има и други работни обврски.
Проекот е финансиски поддржан од Транспарентност Македонија преку Програмата „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“ на Европската Унија IPA/ 2017/392-520.