Донесувањето на ДУП да не зависи од „моќници” со желба за спроведување на лични интереси туку општина Велес да го превземе уредувањето на просторот во интерес на граѓаните и нивните потреби во локалната заедница. Во дискусијата на фокус групата составена од изведувачи и надзор, што е дел од проектот „Транспарентна и отчетна постапка за градежна дозвола“ беше истакнато дека за добивање на одобрение за градба на објект просечно се чека од 3 до 4 месеци ,а некогаш и многу повеќе што дирекно влијае на работата на изведувачите.

Од друга страна групи на мајстори работат на црно без овластувања и без лиценца, без формиран правен субјект и градат објекти за кои нема ни техничка документација и не се попречени од никого. Со ова се нарушува конкуренцијата на пазарот , се стимулира сивата економија и се градат дивоградби во континуитет сите изминати години. Контрола на овие градби начелно не се врши ни од локалната ниту од централната власт па оваа појава добива на интензитет во општината. Групите на мајстори како појава се забележуваат и при градба на објекти со одобрение за градење каде на крајот од изведбата е договорен градежен инженер кој воопшто не присуствувал на градењето на објектот, за одредена сума средства, да издаде Завршен записник за упис на објектот во Катастарот на РМ. На овој начин се изигрува Законската регулатива и е на штета на изведувачите кои вложуваат средства и за мала разлика во цена не успеваат да добијат изведба на објект. Во овој дел од постапката најмалку важен е гарантниот период за изведба на градбата и не е изработен по стандардите и нормативите во градежништвото.

Препорака: Инспекциските органи да ги контролираат сите градилишта како би се спречила од една страна дивото градење на објекти, а од друга страна би се елиминирала сивата економија во Општина Велес. Така би се обезбедила стабилноста и сигурноста на новоизградените објекти.

Изведувачите и надзорите исто така предочија дека за градба на објекти „се напаѓаат“ локации како на државно така и на приватно земјиште, кои потоа тие што ги купиле го злоупотребуваат Законот за легализација со тоа што пријавуваат нови како старо изградени градби притоа користејќи само изјава обезбедена од нотар. Законот многу често „се изигрува“ и со примери какви што се пред да се започне градбата на објектите се поднесуваат барањата за легализација што потоа без некои големи проблеми се легализираат.

Има случаи и кога се добива одобрение за градба на легално купен плац од страна на општината , легално се гради објект кој е соочен со проблем кога треба да се приклучи на постоечката водоводна инфраструктура.

Надлежните органи, како ЈКП Дервен, бара инвеститорот да изгради мрежа до постоечката инфраструктура од неколку стотини метри иако е платен надоместокот за уредување на градежно земјиште, комуналии, во полн износ. Согласно Законот за градба приклучокот за инфраструктура треба да биде донесен до границата на парцелата.

Изведувачите, граѓани кои градат индивидуални или комерцијални градежни објекти, поради не постоење на детална снимка на подземна инфраструктура на Велес често пати се доведени во состојба и покрај добиено одобрение за градба да мораат да вложат дополнителни финансиски средства за дислокација на делови од подземни централни водоводни линии или кракови кои минат низ купени парцели од општината, а за нив нема никаква евиденција. Сопственикот на инсталацијата и воопшто не бил консултиран.

Со Законот за легализација, исто така, се легализираат и објекти без да ги исполнуваат урбанистичките барања кои важат за легални градежни објекти. На пример растојанија од соседни објекти, поставеност на прозорите кон соседи, објекти кои многу често излегуваат надвор од градежни парцели итн.

Од одделението за урбанизам има случаи кога се дава одобрение на објекти со различна архитектура од аспект на статиката па изведувачите и надзорите се ставаат во непријатна ситуација. Тоа за инвеститорот значи зголемени трошоци и дополнително време за реализација на градбата.

Препорака: Oпштината да вклучи во постапката за издавање на одобрениe за градба стручни лица од сите области кои се предмет на разработка во основниот проект. Најважно за развојот на градот е добро изработена планска документација за сите фази и решавање на најгорливиот проблем – сообраќајот на планско ниво.

Досега не се врши контрола на состојбата со градењето ни од Комората на овластени инженери и архитекти ниту од инспекциските органи. Како пример во последните 20 години не е срушен нити еден бесправно изграден објект на територијата на општина Велес.

Препорака: Да се зголеми бројот на извршители во Градежната инспекција и да се врши континуирана контрола во сите делови на општина Велес.

Проекот е финансиски поддржан од Транспарентност Македонија преку Програмата „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“ на Европската Унија IPA/ 2017/392-520.