На Велес му е потребен нов Генерален урбанистички план, бидејќи постоечкиот, донесен пред 12 години и 6 години пред првиот Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје, е со поминат рок. Тоа што во минатото е сработено обратно пропорционално денеска создва сериозни проблеми во животот на граѓаните во локалната заедница. Стратешкиот плански документ општина Велес сеуште го користи иако содржи состојби кои одамна не одговараат на фактичката состојба на терен. Она што е особено важно при донесувањето на планската документација е планирањето на развојот во сите свери на животот, од изградба на нови објекти преку улици, подземна инфраструктура, планирање на паркинг простор до локации за идни инвеститори е констатирано во Анализата што произлезе од шестмесечната реализација на проектот : Транспарентна и отчетна постапка за градежна дозвола. Анализата е публикувана и содржи вовед , јавно мислење на граѓани, на изведувачи и на надзори, на проектанти и на урбанисти, на општинската администрација и на членовите на Комисијата за урбанизам на Советот на Општина Велес.

Публикацијата заедно со матрицата за мониторинг на издавањето на Одобрението за градба на Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски му ја предаде експертот по урбанизам Костадин Настевски, кој  заедно со тимот на Фокус го водеа процесот на идентификување проблеми, жешки точки и можна корупција во Велес.

Една од главните препораки на Настевски беше донесување на нов ГУП на Велес, што ќе ги предвиди површините со генерална намена и инфраструктурните објекти и секако при изработката на ДУП-те, за сите делови од градот, задолжително вклучување на јавноста, особено експертската јавност, за целата постапка да биде транспарентна и да се знае што каде ќе може да се гради.

-За да се намали можноста од корупција од една, од друга страна страна граѓаните да можат да си планираат дали имаат интерес да градат на локациите и трета општината да го предвиди долгорочниот развој во делот на ширењето на градот преку продажба на локации за легална градба со што ќе се зголеми приливот на финансиски средства кои ќе и овозможат на општината да ја подобри инфраструктурата, рече Настевски.

Експанзијата на дивоградби, вкупно 10.123 од кои легализирани се 6.100, дополнително ја оптоварува состојбата во Велес кој има сериозен проблем со планската документација. Законот за легализација не ја постигна очекуваната цел, да не се пролонгира неговата важност туку да се донесе нов во соработка на ЗЕЛС и Министерството за транспорт и врски за изградените објекти после март 2011 година, вели градоначалникот на Велес Аце Коцевски. Тоа веќе било разговарано во присуство на премиерот Зоран Заев.

- Со новиот Закон да се предвиди сателитските снимки од Google maps, кои ќе ги издаваат официјални компании, да бидат инструмент преку кои вработените ќе проценуваат дали некој објект ги исполнува условите да биде или да не биде легализиран. Јас би сакал и понатаму општина Велес да биде една од најтранспарентните општини во Македонија со нула корупција. Мора да признаам дека кога се зборува за корупцијата во општините како во Велес така и во останатите општини, тесно грло е секторот за урбанизам каде се издава Одобрение за градба и секторот каде што се издаваат решенија според проценките за плаќање на данок на имот на недвижности, на данок и слично каде што има можност за субјективни проценки и сомнеж за давањето на оценките кои тешко се докажуваат. Јас сум единствено сигурен во тоа дека криминал во општина Велес сигурно има во делот на легализација на објекти, во минатиот период. Не сум истражувал но сум сигурен дека ако формираме тело да ги преиспита легализациите во минатиот период ќе се утврдат бројни неправилности. Дали во тоа имало земање на мито неможам да тврдам ,тоа се само чаршиски муабети, но сум сигурен дека во Велес има многу легализирани објект кои не смееле да се легализираат, рече Коцевски.

Општина Велес има купено сателитска снимка, што администрацијата требало да ја користи при легализацијата на дивоградби, иако во неа тешко можеле да се утврдат надградбите. Потребна е добра анализа на кровните конструкции. Тоа општинската администрација досега не го правела а сега на инстистирање на градоначалникот, како што рече, започнала да се користи заедно со други сателитски снимки што биле симнати од Google maps. Коцевски уверуваше дека затоа сега се легализирале само дивоградбите изградени пред март 2011 година. Како негативен пример го посочи фактот на легализација на дивоградби изградени пред две години.

Општината започнала постапка за изработка на нов ГУП и се надева дека ќе може да се исправат некои пропусти и особено да се овозможи градот да се шири од комплексот УЗУС во правец на северо - исток,покрај самата железничка пруга Велес – Битол, наместо на околните ридови.

Во дискусијата се вклучи и локалната администрација која го потврди недостатокот на квалификуван високостручен кадар во општината како сериозна причина што ја кочи постапката за добивање на Одобрението за градење како и на наплата на даноци. 

Една од генералните препораки за подготвената Анализа со препораки за Општина Велес се однесуваше на доставување на публикацијата до Министерството за транспорт и врски бидејќи содржи квалитетни податоци и особено препораки што можат да ги користат и останатите општини во државата.

Gradeznasalalevo fin

На промотивниот настан беше презентирана и истражувачката приказна со два актуелни проблеми на Велешани, несопрените дивоградби на Рамина и деценското одолговлекување на издавањето на Одобрение за надградба во деловниот комплекс спроти Младински парк. Неа ја подготви новинарот Стоилко Андреевски со помош на тимот на Фокус, Убавка Јаневска, Даниела Саздова и Димче Велев.

Проектот е финансиски поддржан од ЕУ како субгрант доделен од „Транспарентност Македонија“ во рамките на проектот „Граѓанските организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“.