Четириесет и седум ученици од прва до четврта година од Гимназијата Кочо Рацин во Велес се запознаа со целите и активностите на проектот „Читај и меѓу редови“ што Фондација Фокус го спроведува од септември годинава и ќе трае до февруари следната година. Освен учениците, на промоцијата на проектот на која присуствуваше директорот на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ Гоце Алексоски и шест професори кои во своите наставни предмети посветуваат внимание на медиуската писменост, што всушност е тема и на проектот.

Проектот „Читај и меѓу редови“ го презентираше координаторката Даниела Саздова . Таа на учениците и присутните професори , голем дел од нив членови на новинарската секција, им ги претстави особено општата цел на проектот а тоа е зголемување на свеста на младите во вардарски плански регион за критичко размислување преку мотивација за креирање на соспствен став и одговорно изјаснување во јавноста со користење на аргументи и компетентност.

„ Младите се една од трите приоритетни цели на организациската Стратегија на Фондација за локален развој и демократија Фокус донесена во 2017 година. Оваа граѓанска организација во наредниот период ќе посвети големо внимание на едукацијата и на градењето на капацитети на оваа категорија граѓани со цел тие да бидат значаен двигател на животот во локалната заедница преку иницијативи што на Фокус ќе му послужат како идеи за подготвување на наредни проекти,“ рече извршната директорка на Фондацијата Убавка Јаневска.

Вклученоста на гимназијалците во реализацијата на проектот „Читај и меѓу редови“ за директорот на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ претставува чест и признание на квалитетот што го поседува училиштето како од образовен така и од кадровски потенцијал.

„Како средно училиште, почестени сме што сме избрани да бидеме дел од проект на Фондација Фокус, што не препозна и ни даде можност да бидеме активен соработник во градењето на капацитетите на учениците во делот на медиумската писменост и градењето на критичко мислење. Им благодарам за покажаниот интерес и на професорите. Особено ни значи тоа што наши ученици ќе бидат едуцирани на оваа многу актуелна и значајна тема да препознаат лажни од вистинити вести во ова време на експанзија на елекстронски медиуми. Се надевам дека проектот ќе ви овозможи точно да процените што од тоа што го читате е вистина а што лага како на медиумите така и на социјалните мрежи. Ви посакувам успешна работа, рече Алексоски.

По презентацијата на проектот беше одржан првиот Медиумски средношколски форум модериран од експертот -новинарот Саше Димовски . Учениците покажаа голем интерес на начин што се вклучија во интеракција со мудри одговори и дебатираа во делот на практичните вежби составени од лажни вести „Скандалозно: Цела Демиркапија плаче – претседателот на судот во Демир Капија претепал судијка и и ја скршил раката“ и на

„Средношколска тепачка во Економска во Велес : Цело школо навивало - кој е посилен гимназијалецот или тепачот од хемиска“. Учениците покажаа дека имаат почетно искуство да направат разлика помеѓу дезинформација и точна вест. Димовски ги едуцираше што се им е потребно за да напишат точна новинарска вест и како треба да постапат кога читаат вести особено обрнувајќи внимание на петте новинарски прашања: Кој, Каде, Кога и Зошто? Тој, исто така, им обрна внимание на учениците зошто е потребно при читањето на вестите да се внимава на изворот и на авторот на вестите.

Освен со учениците од велешката Гимназија, Фондација Фокус проектните активности ќе ги реализира и со ученици од Гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци.

Проектот „Читај и меѓу редови“ има за цел да ја унапреди медиумската умешност кај младите и да ги поттикне критички да размислуваат, затоа што само граѓанин со медиумска умешност е одговорен граѓанин на едно општество, е дел од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ и е спроведуван од Метаморфозис и Евротинк со финансиска поддршка од Европската Унија.