Во рамки на проектот „Читај и меѓу редови“ Фондација за локален развој и демократија „Фокус“Велес ја одржа првата едукативна работилница во Гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци. На работилницата учествуваа 24 ученици од втора година и тие имаа можност преку практични примери да работат на сопствената медиумска умешност.

Во првата сесија од работилницата учениците беа запознати со постапката на подготовка на вест, анализа на претходно подготвени вести како и со постапката за создавање на точна навремена и квалитетна медиумска содржина.

Во вториот дел од работилницата учениците ги предложија темите за подготовка на телевизиските прилози, а заедно со проектниот тим ги утврдија изворите. Учениците предложија теми кои се од суштинско значење за нив како млади на општина Кавадарци а се однесуваа на моменталната состојба на градскиот фудбалски стадион, проблемот со уличното осветлување во споредните улици на градот, потребата од формирање на мото клуб за млади и други теми.

Својата креативност учениците вклучени во проектот, ја покажаа на практичната вежба во која поделени во групи се обидоа да подготват вести на тема лошата состојба на градскиот фудбалски стадион.
Првата едукативна работилница со учениците од велешката Гимназија ќе се одржи на 27.11.2018 година.

Инаку целта на проектот „Читај и меѓу редови“ е зголемување на свеста на младите во вардарски плански регион за критичко размислување преку мотивација за креирање на сопствен став и одговорно изјаснување во јавноста со користење на аргументи и компетентност.

Фондација Фокус го реализира како регрант на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“ што го спроведуваат Фондација за интернет и општество Метаморфозис и Евротинк – Центар за европски стратегии. Проектот е финансиран од Европската Унија.