Според подготвените Планови, од страна на психолозите во двете партнерски институции на Фондација „Фокус“, имплементирањето на активностите од проектот „Зелени детски градини“ започна со едукативен час на кои децата и учениците го изгледаа едукативниот детски филм „Семенко“.
Филмот ја содржи приказната за засадување на семе и процесот на `ртење на семето во стебло како и формирање на плод.
Со помош на наставниците и воспитувачите, надгледувана од проектниот тим, беше развиена и едукативна дискусија за процесот што треба да се реализира веќе на првите едукативни и работни работилници за полнење на жардињерите со хумус и сеење на семето на билките што ќе се одржи во втората половина на септември и почетокот на ноември 2020 година.
Децата од клонот „Ѕвончица“ на ОУДГ „Димче Мирчев“ и учениците од ПОУ „Маца Овчарова“ освен што внимателно го следеа филмот во дискусијата имаа десетици прашања како што се: За колку време ќе порасне мајчина душичка и кога од неа ќе го испијат првиот чај, колку магдонос, копар и нане ќе наберат од една жардињера, за колку вреќе ќе ја пробаат засадената леќа и пченица како и што ќе садат од зеленчук а што од овошје?