информативна средба во општина Велес
На 08.06.2010 година во организација на Фондацијата за локален развој и демократија ,,Фокус,, и општина Велес се одржа првата координативно- информативна средба на ново избраните претседатели на урбани и месни заедници на општина Велес со претставници на општинската администрација. На средбата присуствуваа 18 претседатели на урбани и месни заедници и тоа од УЗ Богдан Каракостев, УЗ Славе Петков, МЗ Караслари, МЗ Горно Оризари, МЗ Бузалково, УЗ Димче Мирчев, УЗ Васа Кошулчева, УЗ Шорка, УЗ Трајко Панов, МЗ Црквино, МЗ Сујаклари, МЗ Новачани, МЗ Кумарино, УЗ Тунел, МЗ Славе Петков, УЗ 9-ти Ноем ври, МЗ Челошево, УЗ Алексо Демниевски и двајца претставници од општинската администрација.
Претставникот од општинската администрација на присутните им образложи генерално до каде е реализацијата на граѓанските приоритети, колку од нив се влезени во годишната програма и колкава е можноста останатите да бидат реализирани до крајот на годината.
Новоизбраните претседатели беа запознати со процедурата за поднесување приоритети до општинската администрација и дека на 31 август ќе добијат дописи во кои ќе имаат рок од еден месец за да ги поднесат приоритетите до администрацијата.
Претставниците на урбаните и месни заедници пред општинската администрација изнесоа повеќе проблеми кои побараа да бидат решени во тековниот период меѓу нив водоводот во село Црквино, решавање на атмосферската канализација на улица Љубљанска, просторија за месна заедница во населбата Шорка, автобуско стојалиште и обележан пешачки премин во истата населба, асфалтирање на улици во село Челошево, тампонирање на патот Бузалково - Велес и патот во селото, канализација, решавање на комуналниот отпад и водоснабдување во истото село, да се провери состојбата со колекторскиот систем во Новачани и водоводот во село Сујаклари.
За да се подобри информираноста на месното население претседателите побараа поставување на инфо табли во следните месни или урбани заедници: Караслари, Челошево, Бузалково, Сујаклари и Тунел. Исто така од општинската администрација побараа да им изготви дописи во кои ќе биде напишано кои од приоритетите кои ги поднеле претходните претседатели се досега реализирани, а кои не.
Годишната програма на Фондацијата за локален развој и демократија ,,Фокус,, Велес е поддржана од програмата CIVICA Mobilitas имплементирана од ЦИРа и финансиски поддржана од СДЦ.