Фондацијата за локален развој и демократија ,,Фокус“ во соработка со општина Градско ја одржа координативно-информативната средба на претседателите на месни заедници и здруженија на граѓани со претставници на општинската администрација и Совет.
Целта на средбата беше да се информираат присутните за официјално усвоените граѓански предлози влезени во годишната програма за работа на Советот на општина Градско за 2012 година, потоа колкав дел од нив се реализирани досега, како и да продискутираат за проблемите со кои тековно се соочуваат.
Извештај од одржана координативно-информативна средба во Градско
На 10.04.2012 година во организација на Фондацијата за локален развој и демократија ,,Фокус“ и општина Градско се одржа координативно-информативна средба на претседателите на месни заедници и здруженија на граѓани со претставници на општинската администрација и Совет. На средбата присуствуваа дел од претседателите на месните заедници, претставници од здруженија на граѓани, како и претставник од Одделението за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина при општина Градско.
На почетокот на средбата Елизабета Костова Бочварова на присутните претставници на месни заедници и здруженија на граѓани им презентираше колку и кои од поднесените приоритети се влезени во годишната програма за работа на Советот и со која динамика истите ќе се реализираат.
Бочварова на присутните претставници на месните заедници и здруженија на граѓани им објасни дека оваа година општина Градско во годишната програма ги внесла сите предложени приоритети од граѓаните. Исто така детално им објасни со колкав интензитет се реализираат започнатите прооритети и дека општината аплицирала во Агенција за рурален развој, Светска банка, Бирото за регионален развој и Министерство за труд за обезбедување средства за решавање на конкретни проблеми.
По ова присутните претседатели на средбата од администрацијата побараа одговор на повеќе прашања меѓу кои како најгорлив проблем го посочија фрлањето на смет и создавање на дива депонија во МЗ Уланци од кој се труе стоката, потоа изградбата на мостот во Ногаевци, промена на азбестните цевки од водоводната мрежа во МЗ Градско и собирањето на смет и во други населени места покрај Виничани и Ногаевци каде за прв пат по набавката на новите возила ќе се собира сметот.