Фондацијата за локален развој и демократија ,,Фокус“ во соработка со општина Чашка ја одржа координативно-информативната средба на претседателите на месни заедници.
Целта на средбата беше да се информираат присутните за официјално усвоените граѓански предлози влезени во годишната програма за работа на Советот на општина Чашка за 2012 година, потоа колкав дел од нив се реализирани досега, како и да продискутираат за проблемите со кои тековно се соочуваат.
Извештај од одржана координативно-информативна средба во Чашка
На 23.04.2012 година во организација на Фондацијата за локален развој и демократија ,,Фокус“ и општина Чашка се одржа координативно-информативна средба на претседателите на месни заедници .На средбата присуствуваа седум претседатели на месни заедници.
На почетокот на средбата на присутните претставници на месни заедници им беше презентирано кои од поднесените приоритети се влезени во годишната програма за работа на Советот и со која динамика истите ќе се реализираат.
Претседателите на месните заедници побараа поголема информираност од општинската администрација и Советот на општина Чашка зошто според нив откога го изгубиле правниот статус, никој не ги почитувал, немале ингеренции, работеле волонтерски, но тешко се прифаќало она што тие го предлагале. Претседателите на месните заедници бараат поголема комуникација со советниците, да им бидат доставувани записниците од одржаните седници на Совет за да можат да добијат информации за она што се случува и да добиваат писмени одговори на веќе поднесените барања до администрацијата.
Претседателите откога ги слушнаа приоритетите кои се влезени во годишната програма за работа на Советот на општина Чашка побараа одговори на многу прашања. Претседателот на МЗ Керамидна праша дали ќе се довршув аасфалтирањето на улицата Кочо Рацин, потоа на кој дел се однесува поставувањето на фекалната канализација. Од МЗ Оморани прашаа дали ќе се асфалтираат улици во селото и населбата, потоа дали ќе се прави одвод во Оморани, дали ќе се закрпи патот до Богомила, дали ќе им бидат доделени бараките од Горно Јаболчиште за да можат да обезбедат простор за месна заедница, а како најголем проблем беше посочен постоењето на трла во селото од кои се создаваат многубројни проблеми. Од МЗ Согле побараа одговор дали ќе биде изграден мостот, а МЗ Еловец побараа нова водоводна линија и бетонирање на улица во селото. Претседателот на МЗ Мелница прашаа дали патот од село Голозинци до село Мелница кој е во лоша состојба е влезен во годишната програма и што се планира со него.Од МЗ Извор побараа одговори за поставувањето на резервоар за вода, потоа фекална канализација, како и поставување на потпорен ѕид. И во ова населено место голем проблем е пасењето на овци во селото кои им прават проблеми на луѓето. Од МЗ Долно Врановци бараат дислокација на трлата заради тоа што во селото има болни луѓе од бруцелоза, потоа побараа решавање на проблемот со водоводот, како и изградба на пат од километар и половина до селото.
За сите подетални прашања од претседателите на месни заедници, Фондација Фокус побара одговор од општинската администрација и во текот на денот сите претседатели беа информирани за одговорите на поставените прашања.