Чашка, 15.02.2018, Фондација за локален развој и демократија „Фокус“одржа инфо-средба во општина Чашка со наслов „Фокусирани во развојот на локалните заедници“. Воведно обраќање на средбата имаше Дејан Ристов, кој ги наброја сите активности и настани што Фондацијата ги реализирала во соработка со општина Чашка и тоа од програмата за добро управување, работилници за утврдување на приоритети, квартални инфо средби, јавни расправи по нацрт програмите како и поставувањето на инфо табли за соопштенија и одлуки од гласниците на општината.
Исто така беа реализирани повеќе заеднички иницијативи, отворање на дневен центар за лица со посебни потреби „Детелинка“, разубавување на планинарскиот дом во село Папрадиште, доделени новогодишни пакетчиња за деца од сиромашни семејства, едукација на жени за рано откривање на рак на дојка како и поддршката на микропретпријатија во процесот на јавни набавки.
Пред граѓаните беше презентирана алатката „Приоритети“ преку која тие ќе можат да ги доставуваат своите идеи, предлози и решенија од сферата на комуналната и инфраструктурната дејност.
На средбата граѓаните на општина Чашка зедоа активно учество и покрај нив на неа учествуваа и претставници на Месни заедници, вработени во општината и претставници на Граѓански организации. Граѓаните беа задоволни од тоа што Фондација Фокус им даде можност со своите предлози да се вклучат во развој на заедницата. Оваа активност е поддржана од ФООМ.