Голем проблем во Велес е конфигурацијата на теренот a донесените урбанистички планови се подготвени без добро планирање. Деталниот план за Речани е многу лошо направен , при планирањето на просторот не се соодветно предвидени содржини кои се од особена важност за граѓаните па затоа тие за набавка на основни намирници за живот мораат да доаѓаат до централно градско подрачје, како најблиско до нивните семејни живеалишта. Слична е состојбата и во други делови на Велес каде има донесено ДУП-ви. Деталните планови се лошо изработени , а Законот за јавни набавки не дава можност да се добие квалитетно изработен план
. Деталниот план за улица „Тодор Јанев“ е класичен пример како не треба да биде проектирана сообраќајница по стандардите за градска улица. Иста состојба се повторува и во индустриската зона „Узус“ каде улиците се тесни и не се соодветни за потребите на индустријата. Измените во ДУП се прават според желби , а не според потребите на граѓаните. За голем дел од Велес граѓаните во редовна постапка не можат да добијат Одобрение за градба. Во моментов во тек е постапка за донесување на нов ГУП . Со сегашната состојба се уништува старата градска архитектура наместо да се заштитува, коментираа членовите на Комисијата за урбанизам на Советот на Општина Велес.
Тие исто така, од една страна, изразија незадоволство од фактот што во постапки на донесување на ДУП добиваат готови материјали, 7 дена пред закажана седница, и практично не се вклучени во планирањето на плановите и од друга страна констатира дека не се доволно обучени и стручни да можат подетално да се вклучат во процесот на планирање.
Во Велес нема подземен катастар на инсталации. Низ градот копаат сопствениците на инсталациите ( ЕВН, ЈКП Дервен ) по кажување на нивни постари колеги и така се создава неред на улиците.
Членовите на Комисијата за урбанизам констатира дека е потребно да се донесат нови Детални Урбанистички планови со вклопување на легализираните објекти. Исто така напомена дека за 4 станбени објекти во центарот на градот се дадени Одобренија за градба без обезбеден паркинг простор.
Тие констатираа дека градењето на нелегални објекти во градот не е запрено и дека паралелно со легализацијата на бесправно изградените објекти, годишно, се издаваат од 60 до 90 мови Одобренија за градење.
Членовите на комисијата најголемиот проблем го лоцираа во фактот што во последните 45 години не е донесена Планска документација (ДУП) на градежно земјиште, кое не е во приватна сопственост, и директно влијае врз работата на општината која не може на заинтересирани граѓани да им понуди локации за градба со комплетно уредена инфраструктура. Донесувањето на ДУП-ви на приватно земјиште не може да го реши проблемот со ширењето на градот. Нема рокови кога треба да заврши изградбата на објектите што не е во интерес на општината бидејќи никој или многу малку средства се обезбедуваат од надоместокот за уредување на градежно земјиште кој се користи за изградба на потребната инфраструктура на локацијата на која што се гради.
Членовите на Комисијата за урбанизам на Советот на Општина Велес заклучија дека за плански развој на Велес му се потребни квалитетно изработени Детални Планови, реално остварливи и применливи за дадени локации. За таа цел потребно е да се ангажираат квалитетни проектански куќи, да се интензивира соработката помеѓу локалната и централната власт за да се утврдат реалните потреби на општината и да се преточат во квалитетни законски решенија. Само така општината ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните. Општината итно треба да обезбеди зона каде ќе се шири градот за да овозможи граѓаните да градат во регуларна постапка.
Проекот е финансиски поддржан од Транспарентност Македонија преку Програмата „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“ на Европската Унија IPA/ 2017/392-520.