успешен пример во градењето партнерства
Фондација Фокус, како резултат на своето успешно работење во изминатата 2009 година, беше поканета да ги претстави постигнатите резултати на конференцијата на тема „Граѓанските организации – партнери за успех“.
Целта на конференцијата беше да се претстават и споделат најуспешните приказни и резултати од работата на организациите кои беа опфатени со овој проект и да се утврдат предизвиците кои стојат пред граѓанските организации.
Конференцијата ја организираше Институтот за трајни заедници како завршен настан од петгодишното спроведување на Проектот за зајакнување на граѓанското општество во Македонија со финансиска поддршка од Агенцијата на Соединетите Американски држави за меѓународен развој (УСАИД).
Извршната директорка на „Фокус“, г-а Веса Шкортова, го сподели искуството од процесот на вклучување на граѓаните во утврдување на нивните приоритети и носењето одлуки на локално ниво, промовирање на филантропијата како и реализираните иницијативи во соработка со невладините организации и локалната власт во Велес, Градско, Лозово и Чашка, за развојот на нивните заедници.
Голем дел од успешно реализираните активности на Фондацијата (поддржаните иницијативи, акции за донирање, работилници, конференции и јавни расправи) се сместени во публикацијата која ја издаде ИТЗ во соработка со Македонскиот институт за медиуми (МИМ).