Велес, 08 јануари 2016 - Околу четиристотини производи изработија педесет и петте креативни жени од Вардарскиот регион кои учествуваат во проектот „Економско зајакнување на жените од Вардарскиот регион“ на Фондација Фокус. Рачно изработени накит, плетени и декорирани јаки, џемпери, ташни, волнени шалови, наметки, предмети изработени од хартија и рециклиран материјал се само дел од изработките на жените. Тие ги предадоа во Креативниот центар во Велес. Одговорните во проектот, поголемиот дел од изработките на жените, кои што се од останатите општини во регионот, ги земаа откако ги посетија во градовите во кои живеат. Меѓу изработките има ексклузивни примероци. Сега следи фазата на нивно фотографирање по што ќе бидат објавени во каталог и на веб страницата „Креативка.мк“.
Координаторот на проектот Марија Алчева вели дека е задоволна од досегашната ангажираност и посветеност на жените вклучени во проектот.
„ Во овој период завршуваме со фазата на прибирање на креативни изработки од жените вклучени во проектот, кои истите ги изработија, за време и по завршувањето на креативните работилници, кои беа имплементирани согласно проектот за Економско за јакнување на Жени од Вардарскиот регион. Од креативните изработки ќе произлезе каталогот на производи, кој ќе послужи за нивна промоција, а воедно и ќе го зголеми бројот на нивни потенцијални купувачи. Истите производи, ќе имаат и он –лајн промоција, на веб страната креативка.мк, каде секој посетител, ќе има можност да си одбере и нарача, уникатни рачни изработки“, рече Алчева.
Понатамошните активности, исто така ќе имаат значаен придонес во промоцијата и продажбата на креативните изработки. Според Алчева проектот продолжува и во наредните осум месеци со нови содржини.
„Имено, следуваат активности, каде преку обуки за комуникациски вештини, промоција и маркетинг ќе се креираат така наречени агенти за продажба, кои на терен, преку изработениот каталог, ќе ги нудат креативните изработки на заинтересирани страни како што се јавни претпријатија, фирми, продавници за накит и слично, со што воедно, ќе бидат и првични посредници во основањето на потенцијалните партнерства помеѓу жените креативки и бизнис секторот“, рече Алчева.
Овој проект Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“во партнерство со словенечката невладина организација „ИРД“ го спроведува веќе 17 месеци. Со 80 илјади евра е финансиран од министерството за надворешни работи на Република Словенија. Проектот „Економско зајакнување на жените од Вардарскиот регион“ има за цел да ги поттикне жените да ги искористат креативните вештини во претприемачки цели, односно своите креативни изработки да ги понудат на пазарот, да ги продадат и на тој начин да заработат.