По две години од завршувањето на проектот “Економско зајакнување на жените од вардарски регион“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Република Словенија, Фондација „Фокус“ беше посетена од секретарот на Директоратот за меѓународна соработка и хуманитарна помош на Министерството за надворешни работи на Република Словенија, Матијаж Флоријанц Лукан и економскиот советник во Амбасадата на Република Словенија во Република Македонија Гили Вишај.
Во едночасовната средба на Флоријанц Лукан и Вишај со креативните жени од Велес кои беа учеснички во проектот „Економско зајакнување на жените од вардарски регион“ тема на разговор беа изработките на креативните производи што сега тие ги создаваат претежно во домашни услови и начинот на продажба што може да им овозможи поголем економски бенефит.
Креативките потенцираа дека имаат потреба од заеднички простор во Велес каде би продолжиле поинтензивно да работат и во исто време да ги изложуваат и продаваат своите креативни изработки. Овој нивен прелог, како што рекоа, доаѓа откако во изминатите две години своите креативни производи ги продавале он лајн поточно преку фан пејџ страниците што ги отвориле на социјалните мрежи како и со учество на базарите на кои оствариле малку поголема заработувачка.
Извршната директорка на Фондацијата, Убавка Јаневска ги информираше гостите дека „Фокус“ бара донатори за подготвени проекти за отворање на Сувенирница и за социјално претпријатие со цел да им помогне на Креативките од Регионалниот креативен центар за поголема промоција и продажба на креативните изработки.
Флоријанц Лукан и Вишај дадоа неколку предлози за остварување на соработки преку кои би се реализирале предлозите на креативните жени од Велес.