Голема спортско - хуманитарна манифестација на Општина Велес, Општинската организација на Црвениот крст, Сојуз на училишен спорт, Друштвото на спортски педагози и Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ на заедничка прес конференција ја најавија големата спортско рекреативна и хуманитарна манифестација. „СПОРТУВАМЕ ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“.
Оваа активност претставува дел од планираните активности на Општина Велес во областа на спортот за 2009 година.
Манифестацијата годинава се одржува за прв пат со тенденција да се проширува и да прерасне во традиционална.
Оваа голема спортско – рекреативна и хуманитарна манифестација ќе се одржи на 6 јуни 2009 година на Градскиот стадион и на спортските терени во Градскиот парк.
Учесници на манифестацијата ќе бидат деца од детската градинка „Димче Мирчев“, ученици од основните и средните училишта, претставници на месните и урбаните заедници, претставници на здруженија на граѓани и сите заинтересирани граѓани од обата пола и од сите возрасти кои сакаат да ги покажат своите спортски квалитети.
Учеството е екипно и поединечно. Поединечно може да се учествува во следните дисциплини: пикадо, шах, фрлање камен од рамо, скок во далечина, табла и домино.
Од екипните спортови ќе бидат застапени: мал фудбал, баскет и влечење јаже.
Сите заинтересирани може да го пријават своето учество во Сојузот на спортови или на телефон 070 50 94 89 кај Трајче Ковачев најкасно до 5 јуни 2009 година.
Манифестацијата има и хуманитарен карактер. За таа цел веќе се дистрибуираат вредносни бонови во износ од 30 денари. Собраните средства се наменети за Дневниот центар за лицата со посебни потреби и за децата без родители згрижени во дом-семејство.
Се очекува манифестацијата да биде масовно прифатена од сите граѓани и работни организации. Тоа ќе биде единствена можност за велешани да спортуваат, да се забавуваат и дружат во исто време, но и да ја покажат својата хуманост кон лицата на кои таа им е потребна.
Организаторите на манифестацијата ветуваат добра забава и очекуваат масовно присуство како на спортските терени, така и на трибините во Градскиот стадион.