Велес, 17 јули 2015 - Иницијативниот одбор на младинскиот совет во општина Велес одржа јавна панел дискусија со цел преку отворена дискусија да се запознаат учесниците за младинските политики и младинското организирање во градот.
„Произлегоа и препораки до Советот на млади во општина Велес, како и за неговото работење. Исто така се дискутираше за Локалната младинска стратегија на општина Велес кој е јавно достапен документ, се прибираа предлози од присутните за истите да бидат доставени до општината и да влезат во препораки за Локалната младинска стратегија“, велат од советот.
„Се стремиме кон подигнување на младинското информирање и зголемување на младинското учество за прашањата за млади и донесувањето одлуки на општината поврзани со младите“, рече Александaр Стојковски, член на Советот на млади на општина Велес.
На панел дискусијата се обратија Кристина Пеева и Филип Христовски, претставници на Иницијативниот одбор за креирање на локален младински совет во општина Велес и Александaр Стојковски, претставник од Младинскиот совет во општина Велес, а модератор беше Стефан Каракачанов На истата присуствуваа млади, средношколци и претставници на младински организации во општина Велес.
Дискусијата е дел од проектот „Развој на локално младинско учество и локални младински политики”, финансиран од страна на Европска Унија (ИПА програма), а е воден од Младински образовен форум (МОФ) и Центар за меѓукултурен дијалог (ЦИД). Една од 12-те општини во кој овој проект се спроведува е и општина Велес.
Проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“ е насочен кон младите луѓе, младинските организации и сите форми на младинско здружување и локалната самоуправа. Главната цел на проектот е да се зајакнат капацитетите на младинското здружување на локално ниво, нивно формално препознавање од страна на општините, како и заедничка работа за унапредување на младинските политики на локално ниво, преку развој на младински активизам, младинска работа и младинско учество во процесите на донесување на одлуки. Проектот вклучува соработка со локалните самоуправи, локални акции и јавен процес на основање Локални младински совети, со поддршка од локалната самоуправа во 12 општини, а е финансиран од Европска Унија (ИПА програма – Civil Society Facility).