Во организација на Младинскиот образовен форум и Фондацијата „Фокус“, на 24 март годинава во просториите на Општина Велес се одржа трибина на тема: „Каде е иднината на младите?“. На трибината беше презентирано истражувањето на Младинскиот Образовен Форум спроведено во пет области: доверба во институции, социјална вклученост, граѓанско учество, образование и воншколски активности. Во истражувањето учествуваа 3607 млади од Македонија од кои 280 од Велес. Желбата за напуштање на земјата која според истражувањето е ја искажале над 50% од испитаниците поттикна широка дискусија на трибината.
Неопходно е да се најдат соодветни решенија за поголема вклученост на младите во сите општествени процеси и да се поттикнат младите поактивно да учествуваат во општествениот живот преку свои иницијативи, предлози и активности.Учеството на здруженијата на граѓани на овој план беше посочено како постоечки потенцијал што може да придинесе за стратешкиот пристап кон подобрување на ситуацијата на младите како специфична целна група. Како што беше речено на трибината, во тек е и подготовката на Закон за млади што треба да ги поттикне очекуваните процеси. Општина Велес во програмските определби за 2011 година веќе вклучи изработка на локална Стратегија за млади.