До
Г-дин Бранко Црвенковски,Претседател на Република Македонија
Г-дин Никола Груевски,Претседател на Владата на Република Македонија
Г-дин Џелил Бајрами,Министер за животна средина и просторно планирање
Г-дин Ерван Фуере, Шеф на Делегацијата на ЕК и Амбасадор на ЕУ во Република Македонија
Електронски и пишани медиуми

... Врз основа на сите овие факти Зелената коалиција на Велес бара:

1.Да не дозволите рестартирање на топилницата на истата локација;
2.Да поддржите измена на ГУП со која локацијата на топилницата ќе се пренамени во зона за живеење и мало стопанство;
3.Фабриката да се дислоцира на локација 18 км јужно од градот, до „Хемиска индустрија“-Велес;
4.При рестартирањето на топилницата да вложите средства за дислокација на фабриката, во име на обештетување на граѓаните од 30 годишното загадување;
5.Во донесувањето на  сите одлуки поврзани со топилницата да ги вклучите граѓаните на Велес;  ....

Почитувани,

Со поддршка кон заложбите што ги правите за развојот на Република Македонија, би сакале да Ве потсетиме дека за жал, во центарот на Македонија повеќе од три децении се одвива еден кошмар кој несомнено продолжува. 55 илјади граѓани на Велес во изминатиов период се третираа како граѓани од втор ред  соочени со грубо кршење на нивното уставно право на здрава животна средина.
Уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата (Член 8 од Уставот на Република Македонија) е една од темелните вредности на уставниот поредок.
Член 43 од Уставот утврдува дека „секој човек има право на здрава животна средина, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата“ и дека „Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“.
Граѓаните на Велес се дискриминирани затоа што над 30 години Републиката не прави ништо за да создаде услови за остварување на нивните уставни права и да ја спречи најголемата еколошка траума на Балканот.
Со причина во 2000 година Светската здравствена организација го прогласи Велес за критично место за живеење. Во периодот додека работеше најголемиот загадувач во Македонија, од 365 дена во годината, 160 дишевме воздух загаден со сулфур диоксид над максимално дозволените концентрации.

Последиците се очигледни и документирани: Велес е над просекот во Македонија по степенот на смртност од карцином на црниот дроб, белите дробови и бубрезите кои СЗО ги поврзува со присуството на тешки  метали во воздухот, водата и почвата. Ефектите на неодржливиот развој во кој со децении економската исплатливост беше приоритет над здравјето на граѓаните за жал ги чувствуваме и денес, кога топилницата за олово и цинк не работи.
Пет години од затворањето на топилницата, велешките родилки и нивните новороденчиња имаат зголемени концентрации на тешки метали во крвта. Абортусите, стерилитетот и хроничните респираторни болести сеуште предизвикуваат многу лични трагедии во Велес.
За земја која се стреми да ги достигне највисоките стандарди на демократијата во процесот на евроинтеграции, оваа вистина е поразителен факт. Но, за жал е вистина.

Денес, кога Велес повторно се соочува со најави за рестартирање на произвотството во топилницата, револтира индолентноста на сите надлежни институции во државата кои одлучуваат во името на граѓаните на Велес за нивниот живот и иднина.
Дали повторно за велешани нема да важи ниту член 55 од Уставот „Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето“?
Ние нема да дозволиме профитот да биде приоритет пред животот и здравјето на граѓаните! А вие?

Врз основа на сите овие факти Зелената коалиција на Велес бара:

1.Да не дозволите рестартирање на топилницата на истата локација;
2.Да поддржите измена на ГУП со која локацијата на топилницата ќе се пренамени во зона за живеење и мало стопанство;
3.Фабриката да се дислоцира на локација 18 км јужно од градот, до „Хемиска индустрија“-Велес;
4.При рестартирањето на топилницата да вложите средства за дислокација на фабриката, во име на обештетување на граѓаните од 30 годишното загадување;
5.Во донесувањето на  сите одлуки поврзани со топилницата да ги вклучите граѓаните на Велес;

Придобивките од овие мерки би биле повеќекратни: чиста животна средина, стимулирана локална економија, решавање на социјалните проблеми, исполнети стандарди, одржлив развој.
Велешани веруваат дека ќе ги поддржите овие барања за доброто на сегашните и идните генерации. 

ЗЕЛЕНА КОАЛИЦИЈА

Градоначалник на Општина Велес, Аце Коцевски

Фондација за локален развој и демократија „ФОКУС“

Извиднички одред „Димитар Влахов“

Еколошка групација „Green power“

Друштво на родители за грижа за здраво поколение

Друштво на родители на деца заболени од церебрална парализа

Организација на жени-Велес

Еколошко друштво „Вила Зора“