Публикации

 
policy briefweb 2
javni nabavkiweb 2
Fokus Analiza2018 v4 web 1

Кодексни треперења се јавуваат кога трепериш во ритамот на Кодексот што обврзува и ме прави вонвременски среќен!

Денес кога станувам пионер... давам чесен пионерски збор... дека внимателно ќе учам и работам..... ќе ги почитувам постарите...... се колнам... потоа го бакнувам шареното знаме. Горд сум. Сите гледаат во мене. Се фаќам себе си како и самиот гледам во себе. Учителката иако е жена, татковски ме погалува по главата потстрижена по пропис. Потстрижен сум ученички. Мојој бербер се викаше Филимон. Ги имаше потстрижено речиси сите оние кои заедно со мене се заколнаа. Дотогаш не бев слушнал за кодекс на однесување. Слушам дури сега. Ах, да. Не ви кажав.Сега имам четириесет и нешто.Избран функционер.Управувам со едно локално јавно претпријатие.Си ја погодив партијата. Се разбира, како и многу други, не сум избран по стручноста што ја поседувам туку по партиска припадност. За услугите на моето претпријатие, граѓаните плаќаат еднаш месечно. Некои немаат да платат. Нив ги тужиме. Нема сакам не сакам. Треба ли јас да земам плата. Вработените ме сакаат. Земаме највисоки плати во градот. До сега не било густо. Комотен сум на сегашната позиција. Вработив две жени на актуелни советници, ете два гласа за мене. Во советот има 23 советник. На тројца не им давам плата и не им ги вработив госпожите, ама паушално успевам да им се излигавам три пати во месецот. Колку станаа... 5 гласови за мене. На 4 од советниците им помогнав да отворат свои дуќани, мал придонес во економско-развојниот бум што лидерот го најави. Секако не им наплаќаме масарина (затоа што имаат извадено маси надвор на тротоарно подрачје) им се јавувам на моите блиски пријатели локалните инспектори и ги замолувам да не ги деранжираат гореспоменативе. Веќе се 9. До бројката од 12 колку што ми требаат за да бидам мирен и слободен во креативноста што ми ја нуди работното место доаѓам лесно. Еден од советниците го уапсија затоа што имаше сериозна дискрапанца со кодексот за избрани локални функционери. Останаа уште двајца. На едниот му ветив дека за неколку месеци и снаа му наскоро ќе се најде во списокот на нашите вработени, а на оној последниот несебично му го отстапив службениот (еден од службените) автомобил нека го вози и нека си врши работа. Не дека тој нема сопствено возило, но едната кола му ја вози синот, другата керката, џипот му го вози зетот а тој кутриот остана без превозно средство. Се разбира горивото му го плаќа моето претпријатие бидејќи, автомобил без гориво е како да ракоплескаш со една рака. Имам мнозинство. Сигурен сум Ајде сега да го видам кодексот. Дајте да го потпишам. Дојде време да се знае ред во оваа држава. Па пред вратата на Европа сме бе луѓе. Да живее демократијата. Да живееме сите ..и вие со мене. Сега , секогаш и во вечни векови.Амин.

Вечно Ваш,

СОТЕ