Публикации

 
policy briefweb 2
javni nabavkiweb 2
Fokus Analiza2018 v4 web 1
Што е доста доста е!

Велешани велат: Ние имаме богато културно и историско минато. Ние ги имаме Џинот, Жинзифов, Главинов, Хаџи- Панзов, Неделковски, Рацин. Сме ги имале. Точно е тоа. Сме ги имале некогаш и тие големи дејци ни оставиле аманет да го продолжиме нивното дело. Арно ама ние денес си останавме само со она: Велес бил град со богато културно и историско минато. И ништо повеќе. Татковците рекле: доста му е на овој народ култура, а не треба да знае многу и за историјата. Многу ќе научи па ќе ни прави бели како оние во минатото.

Велешани имале први театар во Македонија меѓутоа, некои паметни луѓе во шеесетите години на минатиот век рекле: ,,Што ќе ни е театар.Скопје ни е блиску па кој сака велешанец да гледа театар со автобус или воз нека оди во Скопје,,. Така и било. Клуч на театарот во Велес се до 1975 година кога повторно театарот е отворен. Арно ама за да не знаат многу повторно ги ставиле во старата и руинирана зграда на Циката во која сеуште се наоѓаат.

Да го оставиме театарот. Велес прв и имал uчилиште и читална, односно библиотека. За неговите велешани да не одат со уката многу напред библиотеката повеќе од половина век ја сместиле во ресторантот ,,Атина,, во која сеуште се наоѓа, а за училиштата и да не збруваме зашто Гимназијата, односно нејзината зграда откако е изградена пред повеќе од 65 години не е реновирана, а онаа вистинската, кај пазариштето, сега наводно и го уредија дворот.

Велес меѓу првите, ако не и прв во Македонија, имаше и градски весник и градско радио. Работеа добро арно ама дојдоа некои новинарчиња кои не беа подобни, многу зборуваа, кажуваа многу работи и кои не сакаа да ги слушаат наредбите на градските татковци. Демек, кажувале се и сешто и го уривале угледот на градот со богато културно и историско минато. Веднаш по 1990 година, кога се јавија приватните телевизии татковците ја видоа шансата дa им удрат клуч на весникот "Вардарски Глас,, и на Радио Велес. Подобро било тие да се гледаат на екраните отколку да зборуваат, а никои да не ги гледа во весникот и на радиото. Им фрлија некои денар на приватните телевизии, им направија пристапни патишта и им рекоа ако не играте како што ќе ви свириме и вас ќе ве најде истата судбина како весникот и радиото. Весникот ,,Вардарски Глас,, умре пред десетина и повеќе години, а Радио Велес неодамна.

Сега во Велес се е тивко. Секоја вечер на двете приватни телевизии велешани си ги гледаат градските татковци, одговорните на политичките партии, членовите на советот, а не еднаш и лидерите што по препорака доаѓаат од Скопје. Велат тоа им е доста на велешани.Не треба друг што да им кажуваме. Зошто недај боже да не се родат некои како оние од минатото па тогаш каде ќе ни биде крајот. Пак ли ќе треба да викаме Велес е град со богато културно и историско минато.

Што е доста доста е.

Стоилко Андреевски

авторот е пензиониран новинар