Охрид, 23-25.09.2016 - Претставници на осумдесетина фирми од општините од југозападниот, пелагонискиот, полошкиот и скопскиот регион учествуваа на повеќедневната годишна конференција за јавни набавки.
Целта на конференцијата беше да се унапредат знаењата на микропретпријатијата за учество на јавните набавки, како и да се остварат неопходните контакти меѓу фирмите за нивно идно здружување за заеднички и посилен настап на пазарот на јавните набавки.


Конференцијата е дел од Проектот на УСАИД за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки кој го спроведува Центарот за граѓански комуникации од Скопје, во партнерство со невладините организации Фокус од Велес и ЕХО од Штип.
Проектот го олеснува пристапот на микропретпријатијата до пазарот на јавните набавки, придонесувајќи за нивен одржлив развој и подобро искористување на потенцијалите за создавање работни места, раст и иновации. Воедно на државните институции проектот им овозможува да постигнат пониски цени и повисок квалитет за купените производи, услуги и работи, преку поголема конкуренција во јавните набавки.
Во рамките на проектот, на повеќе од 300 микропретпријатија од цела Македонија им се овозможуваат бесплатна обука и прирачници, секојдневна асистенција и информации, како и стручни консултации во сите фази од учеството во постапките за јавни набавки што ги спроведуваат договорните органи од овие региони.
Проектот се спроведува во периодот од 2012 до 2017 година и досега им помогнал на повеќе од 500 фирми од цела Македонија да настапуваат поуспешно на тендерите, а на повеќе од 500 локални институции им се укажуваат начините како да ги направат тендерите подостапни за локалните мали и микропретпријатија.