Фондација за локален развој и демократија Фокус учествуваше на првиот Форум на граѓански организации и општини од источно планскиот регион и округот Благоевград и Ќустендил од Република Бугарија, што се одржа на 13 септември во Делчево. Фокус беше дел од Форумот по покана на организаторот Невладината КХАМ од Делчево.

 

Извршната директорка на „Фокус“, Убавка Јаневска го соопшти своето искуство од досегашното подготвување на апликации за конкурирање на ИПА и повиците за европски проекти. Јаневска како сериозен проблем, со кој се соочува Фондацијата, го посочи обезбедувањето на потребните сретства за учество на граѓанските организации на објавените повици. Секој апликант мора да има обезбедено помеѓу 10 и 20 отсто од вкупниот Буџет на предлог апликацијата. Бидејќи станува збор за апликативни идеи со буџети од 150.000 до 380.000 евра, „Фокус“ се соочува со проблем да обезбеди сопствено учество во висина од 15.000 до 76.000 евра за да биде подобна, според критериумите на отворените повици.

- Затоа е потребно да се побара помош од Владата која финансиски ги помага кога за ИПА или европски Грантови конкурираат општините во Македонија. Би било од голема помош и граѓанските организации да добијат можност за помош во делот на обезбедување на средствата кои е потребно да ги прикажат како сопстено учество за да бидат подобни кога ги аплицираат подготвените апликации на ИПА или европските повици. Мислам дека Владата треба да формира Фонд и да донесе критериуми според кои ќе може граѓанските здруженија и фондации да конкурираат и ако бидат избрани да ја искористат финансиската помош. Секако штом проектите се реализираат и завршат тогаш здруженијата и фондациите да бидат обврзани да ја вратат финансиската помош назад во Фондот. Така сметам дека ќе немаме проблем и ќе бидеме мотивирани да аплицираме поголем број на проекти на чија подготовка работиме со месеци. Тоа се проектни идеи со кои решаваме или подобруваме граѓански приоритети и барања, рече Јаневска.

Финансискиот асистент во „Фокус“, Диме Велев пак даде неколку предлози за тоа на кој начин невладините организации можат полесно и поефикасно да обезбедат средства од  расположливи домашни извори.

- Потребно е вмрежување и создавање на конзорициуми помеѓу помали граѓански организации за да се обезбеди потребната подобност. Потребно е да го свртиме вниманието и на бизнис заедницата преку Стопанските комори. И, да не заборавиме дека во Република Македонија постои позитивна законска регулатива за Даночно поттикнување, односно ослободување од данок на добивка. Секако потрбно е законската регулатива да се хармонизира со ЕУ легислативата, за да се овозможи потребното кофинансирање и за ИПА фондовите и за европските проекти. На, крај зошто и да не се отвори јавна дебата за промена на примената на Фондот од добивките од игри на среќа, кои во Република Македонија денес најмногу го користат организации од хуманитарен, спортски карактер и инвалидските органзиации, рече Велев.

 

На Форумот во делчево учество зедоа над дваесет организации, здруженија од Македонија и од Бугарија. Нивните претставници дебатираа на теми поврзани со позитивни и негативни искуства при аплицирање и реализирање на проекти од прекугранична соработка, особено со партнерски организации од Бугарија.

Невладините разменија искуства и се договорија отворено да реагираат за пречките со кои секојдневно се соочуваат и при аплицирање на проекти од Европските фондови а за тоа да ги информираат и надлежните институции во државата.

Инаку целта на Форумот беше зајакнување на прекуграничната соработка помеѓу граѓанските организации и институциите во регионот, со цел справување со заедничките предизвици и користење на неискористениот потенцијал за развој на прекуграничната соработка преку ефикасно користење на ресурсите.

Форумот се реализираше со поддршка на УСАИД преку проектот за граѓанско учество.