Волонтерите од Младинскиот клуб на Фондација Фокус и од Еколошката групација Грин Пауер со заеднички сили максимално го искористија продолжениот викенд и го освежија домот. Се вароса поголем дел од просторот во објектот, комплетно се исфарба дограмата и клупите и масите во дворот, се испраа постелнината , а целосно преуредување доби и дворот пред домот. Волонтерите ја искосија обраснатата трева, но највпечатлив секако е потпорниот ѕид од десната страна пред влезот на домот. На него креативните волонтери нацртаа мурал кој асоцира на планинска куќа.
5-ти декември, меѓународниот ден на волонтерството, Фондација „Фокус“ и општина Велес го одбележаа со уште една волонтерска акција. На овој начин, симболично беше заокружена кампањата „Зачувај, не уништувај“ онаму од каде што ја започнаа - во детскиот забавен парк во облизина на „Брако“.
И овој пат, волонтерите од младинските организации и граѓаните кои ја поддржаа кампањата, ги офарбаа лулашките, клупите и другите реквизити и му дадоа нов лик на овој терен.
На тркалезната маса на тема ,,Волонтерството во пракса,, на која присуствуваа граѓанските организации од Велес кои практикуваат волонтерска работа, се разгледаа состојбите и предизвиците со кои се соочуваат организациите и се споделија искуства од спроведување на различни програми за волонтирање во Европа и САД.